Кошаркарската репрезентација на Србија беше поразена од селекцијата на Австралија со 84:73 на подготвителниот турнир во Абу Даби. Австралија подобро го отвори натпреварот, завршувајќи ја првата четвртина со водство од 20:15. Во втората четвртина Австралија одржуваше минимално водство до крајот, кога Србија успеа да направи пресврт и да поведе со 40:39 на полувремето.
Повторно Австралија го врати водството во третата четвртина, која во најголем дел ја контролираше. На крајот на третата четвртина беше 62:59 за Австралија.
На почетокот на четвртата четвртина Србија поведе со 67:66, но потоа Австралија направи серија од 11:0 што беше доволно мечот да се приведе кон крајот и да заврши со резултат 84:73.
Пети Милс ја предводеше Австралија до победата со 28 поени, додека Данте Ексум постигна 15. Во редовите на Србија се истакна Филип Петрушев со 17 поени. Никола Јокиќ забележа 14 поени и 14 скока. Никола Милутинов и Алекса Аврамовиќ постигнаа по 12 поени.
Србија следниот натпревар на турнирот во Абу Даби го игра утре против САД.