Менаџерот на Арсенал, Микел Артета, испрати јасна порака пред големото дерби со Манчестер Сити, дека неговиот тим нема да излезе на терен со цел да брани бод, туку исклучиво да оди на победа.
Лондонскиот клуб влегува во овој дуел со шест бодови предност во однос на актуелниот шампион, но и со одигран натпревар повеќе, што ја прави ситуацијата на врвот на табелата дополнително неизвесна.
Дополнителен фактор е и променливата форма на Арсенал во последниот период, со три порази на последните пет натпревари во сите натпреварувања.
„Целта е многу јасна – одиме на победа. Воопшто не размислуваме за реми, туку за три бода“, изјави Артета.
Шпанскиот стратег нагласи дека пристапот на неговиот тим нема да се менува без разлика на противникот или местото на одигрување, дури и кога станува збор за гостување на еден од најтешките терени во Европа.
„За нас не постои разлика меѓу стадионите. Секогаш играме со идеја да победиме“, додаде тој.
Артета одби да го стави овој натпревар како директна пресметка за титулата, иако многумина го гледаат како еден од клучните моменти во сезоната.
„Не сакам ниту една секунда да зборувам за реми. Секој меч го гледаме како шанса за победа“, потенцираше тренерот на Арсенал.
Дербито меѓу Манчестер Сити и Арсенал е закажано за недела во 17:30 часот и се очекува да има огромно влијание врз разврската во трката за титулата во Премиер лигата.