Аморим е идеалната замена за Клоп во Ливерпул?

Ерата на Јирген Клоп во Ливерпул се ближи кон крајот и сега „црвените“ се во потрага по неговиот наследник. Чаби Алонсо беше првиот фаворитза  следен шеф на „Енфилд“, но поранешниот играч од средниот ред реши да остане во Баер Леверкузен.

Сега Рубен Аморим, тренерот на Спортинг, се смета за најверојатна замена на Клоп. Португалецот сè уште нема 40 години, но веќе има значително педигре. Тој ја предводеше екипата од Лисабон до првата шампионска титула по 19 години пауза, во 2021 година, на само 36 години, и по тој успех за него се заинтересираа многу врвни клубови од цела Европа.

Што би можеле да очекуваат навивачите на Ливерпул од Аморим, каков е неговиот стил? „Би –би-си“ пишува дека поранешниот играч од средниот ред на Бенфика и на Португалија,  Аморим се пензионираше како играч во 2018 година и веќе следната година остави белег како тренер на Брага.

По 10-те победи на 13 натпревари, вклучувајќи ја и првата над Бенфика по 65 години, тој го привлече вниманието на поголемите клубови. Спортинг го ангажираше во март 2020 година и плати 10 милиони евра за него, трета највисока сума за тренерски трансфер.

Но набргу се покажа дека парите се добро потрошени бидејќи Аморим го предводеше клубот во серија од 32 меча без пораз освојувајќи го лига купот на Португалија, потоа ставајќи крај на речиси дведецениското чекање на титулата во лигата.

Стилот на игра на Аморим им е познат на неколку ипортугалски грачи во Премиер лигата, на Матеус Нунеш од Манчестер сити, на Педро Поро од Тотенхем и на Жоао Палиња од Фулам, кои беа дел од  тимот на Спортинг што ја освои титулата во 2021 година.

Аморим таму ја фаворизираше 3-4-3 формацијата, играјќи во „низок блок“ со крилните бекови високо на теренот. Без топка тие притискаа агресивно, слично како Ливерпул на Клоп, и брзо напаѓаа кога ја имаа во посед.

Ливерпул сезонава се потпира врз неколку млади играчи, со тоа што Конор Бредли и Џарел Кванса редовно играат, и импресионираат, така што навивачите на „црвените“ ќе го поздрават фактот што развојот на младите е исто така „блиску до срцето“ на Аморим.

Доколку Аморим стане менаџер на Ливерпул, ќе има тешка задача да го надгради успехот на Клоп за деветте години во клубот. Германецот ја освои Премиер лигата, Лигата на шампиони, ФА купот и Лига купот.

Сепак, европскиот фудбалски новинар, Гијем Балаге верува дека Аморим е способен да одговори на предизвикот.

-Тој има харизма, зборува многу, многу добро англиски, и е многу, многу близок со играчите. Мислам дека ги има сите атрибути да биде многу добар менаџер. Тој нема да биде исплашен и би можел да се справи со се’ што Ливерпул ќе бара од него, вели Балаге.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО