Алкараз декласиран од Димитров во Мајами: „Се чувствував како да имам 13 години“!

Бугарскиот тенисер, Григор Димитров, направи големо изненадување победувајќи го во четвртфиналето на Мастерс турнирот во Мајами, првиот фаворит, Шпанецот Карлос Алкараз, со 6:2, 6:4.

– За да го победиш, треба да играш најдобро. Понекогаш едноставноста е генијална. Многу е тешко да се направи тоа, особено кога играш против таков противник. Но јас можев да ја диктирам играта и да ја читам малку подобро отколку минатиот пат, рече Димитров, кој го победи Алкараз и на октомврискиот Мастерс во Шангај.

Алкараз, двократниот грен-слем шампион, како прв носител беше огромен фаворит, но Димитров одигра еден од најдобрите натпревари во кариерата и сосема заслужено го прегази Шпанецот.

– Тој играше неверојатно, речиси совршено. Направи да се чувствувам како да имам 13 години, не можев да најдам решенија, беше лудо, рече Алкараз (20), кој не успеа да стане првиот тенисер што победил двапати по ред на Индијан Велс и во Мајами, по Роџер Федерер во 2017 година.

Во полуфиналето Димитров ќе игра против Александер Зверев, кој беше подобар од Унгарецот Фабијан Марожан, 6:3, 7:5.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО