Ајакс го суспендира извршниот директор, Алекс Крос

Извршниот директор на Ајакс, Алекс Крос е суспендиран од Надзорниот одбор на холандскиот клуб поради инсајдерско тргување.

Во соопштението, Одборот на клубот тврди дека Крос купил повеќе од 17.000 акции во клубот на 2 август, една недела пред да биде објавено неговото назначување.

Од Ајакс велат дека имаат намера да го отпуштат 50-годишниот Крос, кој е на оваа функција само две недели. Тој беше назначен на функцијата во август, но почна да работи минатиот месец, поради клаузулата за неконкуренција во неговиот договор со претходниот клуб АЗ Алкмар, каде што беше директор за меѓународна фудбалска стратегија.

Крос рече дека не ја прифаќа одлуката на Одборот, додавајќи оти купувал клупски акции во фази, од април 2022 до јули 2023 година, прекинувајќи откако беше потврдено неговото назначување во Ајакс „за да избегне какви било недоразбирања“.

Претседателот на Управниот одбор (УО), Михаел ван Праг рече дека клубот е „длабоко вознемирен“ и оти позицијата на Крос е „неодржлива“.

– Тоа е многу штетно за клубот и за сите што им драг. Постапките на Крос не се во согласност со она за што се залага Ајакс. Времето на купување на акциите укажува на инсајдерско тргување. Таквото прекршување на законот не може да се толерира, особено кога тоа го вклучува извршниот директор, изјави Ван Праг.

Крос, поранешниот младински играч на Ајакс, го наследи Едвин ван дер Сар, кој поднесе оставка на крајот од минатата сезона, откако тимот заврши на третото место и не успеа да се пласира во Лигата на шампиони (ЛШ), за прв пат по 2009 година.

Моментално Ајакс е на петтото место во Ередивизие, со 28 бода помалку од лидерот ПСВ Ајндховен!

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО