Роналд Куман повеќе не е селектор на фудбалската репрезентација на Холандија.
Искусниот стручњак соопшти дека поднесува оставка еден ден откако неговиот тим беше елиминиран во шеснаесетфиналето на Светското првенство 2026, по поразот од Мароко по изведувањето пенали.
„Синоќа донесов одлука да го завршам мандатот како селектор на репрезентацијата на Холандија“, напиша Куман на Инстаграм.
Холандскиот стратег се најде на удар на жестоки критики по елиминацијата, пред сè поради тактичката одлука во нокаут-фазата да ја промени формацијата. По системот 4-3-3, кој на Холандија ѝ донесе две победи и едно реми во групната фаза, против Мароко се одлучи за поставеност 5-2-3.
Таквиот потег не даде резултат. Мароко во голем дел од натпреварот ја контролираше играта, а Холандија во судиското продолжение прими гол за израмнување. Во продолженијата „лалињата“ беа во подредена позиција и имаа многу среќа што не примија уште еден гол пред пенал-серијата, во која на крајот беа елиминирани.
Куман и по натпреварот ја бранеше својата одлука, истакнувајќи дека повторно би го избрал истиот тактички пристап. Сепак, тогаш не сакаше да зборува за продолжување на договорот, кој му истече со завршувањето на настапот на Холандија на турнирот.
„Ме боли што мојот период во репрезентацијата завршува на ваков начин. Сите сонувавме за Светско првенство на кое ќе испишеме историја. Во тоа не успеавме. Никој не е поразочаран од мене. Како селектор, вие ја носите одговорноста. Секогаш сум ја чувствувал и секогаш ќе ја чувствувам“, порача Куман.
Во својата објава тој ги наброја сите клубови што ги водел во тренерската кариера, што многумина го протолкуваа како можен знак дека размислува и за крај на тренерската работа.
Посебна порака Куман ѝ упати на својата сопруга Бартина, која се бори со тешка болест.
„Мојата сопруга Бартина секој ден ми даваше поддршка и ме охрабруваше да ја завршам работата како селектор, и покрај сопствената борба со болеста. Тоа зборува за нејзината неверојатна сила. Ја ценам повеќе отколку што зборовите можат да опишат“, напиша Куман.
Како можни кандидати за нов селектор на Холандија се споменуваат Арне Слот, Ерик тен Хаг, Петер Бош и Пеп Гвардиола.