Бразил во судиското продолжение ја совлада Јапонија за осминафинале

Фудбалерите на Бразил со пресврт и гол во судиското продолжение ја совладаа Јапонија со 2-1 (0-1) вечерва во шеснаесетфиналето во Хјустон и на драматичен начин обезбедија пласман во осминафиналето на Светското првенство.

Јапонците дојдоа во водство во 29. минута со голот на Сано, а резултатскиот пресврт го донесоа Касемиро во 56. минута и Мартинели во 90+5.

Двете репрезентации влегоа во натпреварот со висок интензитет и иако Бразил на почетокот ја имаше иницијативата, почетниот гол дојде на спротивната страна кога Сано со прецизен удар го совлада бразилскиот голман Алисон.

До крајот на полувремето, Бразил се обидуваше да го загрози голот на Сузука, но компактната одбрана Јапонија беше на висина на задачата.

Бразил тргна офанзивно од самиот почеток на второто полувреме и по неколку неискористени идеални шанси за гол, Касемиро со глава од непосредна близина донесе израмнување.

Шест минути по израмнувачкиот гол, ударот на Винисиус заврши во стативата на јапонскиот гол.

Завршните 30. минути на дуелот во Хјустон не донесоа поголеми возбудувања сè до петтата минута од судиското продолжение кога Мартинели на асистенција на Бруно Гимараеш втор пат го совлада Сузука и му донесе драматична победа на петкратниот светски првак.

Противник на Бразил во осминафиналето на 5 јули ќе биде победникот од дуелот меѓу Брегот на Слонова коска и Норвешка.

Фото:миа

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО