Алекса Колаковиќ потпиша за Е.Пелистер

Македонскиот ракометен тим Е.Пелистер го затвори кругот на засилувања за новата сезона, откако денеспретстави уште едно име во својот ростер. Нов член на битолскиот клуб ќе биде Алекса Колаковиќ, среден бек од Србија со богато интернационално искуство.

28-годишниот српски репрезентативец со пелистерци се обврза на едногодишен договор, со можност соработката да биде продолжена на уште една сезона.

„Мозаикот за сезоната 2026/27 го комплетираме со доведување на уште еден среден бек. Нов член на Еурофарм Пелистер е Алекса Колаковиќ, кој се обврза на договор на една сезона, со опција за уште една. Се работи за 28-годишен српски репрезентативец, роден во Подгорица, кој доаѓа во Битола од францускиот ракомет.

По четири сезони во Сант-Рафаел и две во Шартс Колаковиќ го прифати предизвикот да дојде во најракометниот град и да игра пред најдобрата публика во светот. Средниот бек има шест настапи за српската репрезентација, а настапите во една од најсилните лиги во светот беа добра препорака за трансфер во Битола.

Србинот е деветто засилување за новиот тренер Лино Червар по: Серафимов, Котар, Мехмедовиќ, Џелетовиќ, Татар, Белистојаноски, Басанесе и Џелиловиќ“, велат од редовите на Пелистер.

Колаковиќ ќе биде претставен во јавноста на стартот од подготовките на 24 јули.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО