ПМФЛ: Арсими победи во Ѓорче Петров, Струга ТЛ очекувано подобра од Шкупи

Арсими триумфално се врати од Ѓорче Петрв, совладувајќи ја Македонија ЃП со минимални 0-1 во 26. коло од ПМФЛ.

Со овој важен успех, гостите направија значаен исчекор на табелата и се оддалечија од опасната зона, искачувајќи се на седмата позиција.

Клучниот момент се случи во 28.минута. По една долга топка зад одбраната, Фатјон Јусуфи одлично се снајде и прецизно погоди за водство од 0-1. Погодокот беше предмет на ВАР проверка, но по кратка неизвесност, беше признаен.

Домашниот состав не успеа да реагира ниту по негативата. Пред паузата, Николиќ ја затресе мрежата, но радоста беше краткотрајна поради офсајд позиција. Во второто полувреме, „лавовите“ заиграа поофанзивно и се обидоа да го наметнат својот ритам, но без конкретна завршница.

Најблиску до гол беше гостинскиот играч Сикиру Олатунбосун, кој со атрактивен ударј ја погоди гредата во финишот.

Струга Трим Лум продолжува со доминацијата во пресметките со Шкупи оваа сезона, убедливо славејќи со 0-3 во мечот од 26. коло. Иако формално беа гости, на својот терен покрај езерото целосно го контролираа текот на натпреварот.

Христијан Малески во 27. минута со прецизен удар со глава донесе водство од 0-1.

До крајот на полувремето, Малески имаше можност да ја удвои предноста, но не реализираше пенал — неговиот обид беше лесно прочитан и одбранет од Муслиу.

Во вториот дел, Струга експресно ја потврди надмоќта. Само што започна продолжението, Рочи со прецизен удар по земја од работ на шеснаесетникот зголеми на 0-2.

Веќе во следниот напад, Хамза проби по левата страна и несебично асистираше до Малески, кој од непосредна близина го постави конечниот резултат 0-3, ставајќи точка на убедливото издание на стружани.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО