Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ и спортскиот директор на националните селекции, Горан Пандев одржаа денеска состанок во „Куќата на фудбалот“ со селекторот на македонската машка фудбалска репрезентација, Благоја Милевски.
На средбата, како што соопшти ФФМ, соговорниците „отворено и конструктивно разговараа за сите актуелни настани и важни теми поврзани со најдобрата македонска репрезентација, но и за други аспекти од соработката што допрва започнува меѓу Пандев, како спортски директор на националните селекции и селекторот Милевски“.
– Имавме отворен и пред сè искрен разговор. Претседателот на Федерацијата ја повтори искажаната поддршка за работата на А македонската репрезентација. Со Горан се согласивме дека репрезентацијата секогаш треба да биде над сите нас. Тоа е национален интерес и секогаш ќе биде во прв план. Сите треба да се ставиме во функција на тоа и на Македонија. Се надевам дека ќе имаме добра соработка во интерес на тимот, но и на сите кои ја поддржуваат македонската репрезентација, изјави Милевски.
Пандев, кој во неделата беше назначен за спортски директор на националните селекции, изрази задоволство од своја страна од отворениот разговор „за тоа што може да биде подобро во иднина и заедничкиот стремеж да одиме напред кон нови победи“.
– Заедно со претседателот Омерагиќ ни беше важно да разговараме отворено со селекторот за сите теми и му благодарам што го сфати она што го сметаме за правилно, а тоа е дека како мала држава мораме да се потпреме на сите расположливи сили и фудбалерите кои имаат квалитет мора да помогнат и со настапи во репрезентацијата. Секако, доколку тоа го заслужуваат. Верувам дека ги решивме сите такви прашања и се радувам на новите предизвици, истакна по средбата Пандев.