Во синоќешното дерби играа Баерн Минхен и ПСЖ (1:0), а победата на домашен терен на Баварците им ја донесе Кореецот, Ким Мин Џеј со удар со глава во 38. минута. ПСЖ мечот го заврши со играч помалку по вториот жолт картон на Усман Дембеле во 56. минута.
За Баерн ова беше продолжение на чудесната серија долга 11 години без пораз на домашен терен во групната фаза од Лигата на шампиони (ЛШ). Ова беше нивни 33-ти натпревар што не го загубија. Ефектот е 31 победа и само две ремија.
Последниот пораз Баварците го претрпеа во декември 2013 година, кога Манчестер сити ги победи во Минхен со 3:2. Победата над ПСЖ значеше и израмнување на рекордот поставен од Барселона во периодот од 2009 до 2020 година.