Роберт Левандовски, 36-годишниот полски фудбалер, напаѓачот на Барселона, синоќа на мечот против францускиот Брест (3:0) го постигна јубилејниот, 100-ти гол во кариерата во Лигата на шампиони (ЛШ).
Во 10-та минута од натпреварот во рамките на петтото коло во ЛШ, беше досуден пенал за домашните, по прекршокот над Левандовски. Полјакот беше тој што потоа ја смести топката во мрежата од белата точка за водство од 1:0.
Играјќи за Борусија Дортмунд, Баерн Минхен и за Барселона, Левандовски стигна до 100-от гол во ЛШ. Најмногу голови, 69, постигна во дресот на Баерн, за Борусија даде 17, а за Барселона 14 гола.
Поефикасни во ЛШ од него се само двајца фудбалери, Португалецот Кристијано Роналдо има постигнато 140 голови, а Аргентинецот Лионел Меси 129. Зад Левандовски се Карим Бензема со 90 и шпанскиот напаѓач Раул со 71 гол.
Со тој гол, шести, Левандовски е на првото место на листата на најдобри стрелци во ЛШ сезонава. Неговиот соиграч Рафиња, играчот на Спортинг, Ѓекерес и напаѓачот на Баерн, Хари Кејн имаат дадено по пет гола.