Контролните натпревари и серијата исцрпувачки тенинзи во Маврово, Скопје и во Струмица, на одбојкарите на Македонија и донесоа сигурна игра против Косово и победа од 3:0 (25:12, 25:7, 25:19) во првиот меч од 48-то издание на традиционалниот, Меѓународен одбојкарски турнир „Бранко Хаџииљоски- Чајка, во салата „Парк“ во Струмица.
Капитенот Никола Ѓорѓиев мечот го заврши со 12 поени од кои 11 од напад, Александар Љафтов забележа девет поени, техничарот, Ѓорѓи Ѓориев, запиша седум поени, од кои два на сервис. По пет поени реализираа Владо Милев и Филип Савовски, а четири имаше Стојан Илиев.
Денеска играат Израел – Косово, а утре Македонија се среќава со Израел.
Македонската машка одбојкарска репрезентација овие натпревари ги користи како завршен филтер и подготовка пред заминувањето за Тбилиси, каде што ќе игра против Грузија во воведното коло од евроквалификациите за пласман на континенталниот собир во 2026 година.