(ФОТО) Јуниорите на прием кај премиерот и министерот на спорт: „Горди сме на нивниот успех, тие се пример што треба да се следи“

Сергеј Младеновски, Никола Јаничиќ, Сергеј Петровиќ, Ристе Букршлиев, Дарјан Димовски, Атанасиј Трајанов, Лука Марјановиќ, Коста Ќириловски, Бојан Димитриев, Давид Петрушевски, Марко Луканоски и Стефан Стојковиќ се 12-те кошаркари кои вчера триумфираа на Европското првенство (ЕП), до 18 години, дивизија Б.

Кошаркарите, предводени  од селекторот Горан Андреевски, и неговите стручни соработници, Никола Димитриевски и Един Имер, како и тренерот за физичка подготовка, Трајче Стојанов и медицинскиот двоец, Дарко Гогов (доктор) и Крсте Гелејчевски (физиотерапевт) запишаа осум победи од исто толку натпревари.

Надежите, заедно со раководството на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), денеска беа на прием кај претседателот на Владата на Македонија, Христијан Мицкоски, кој заедно со министерот за спорт, Борко Ристовски, упати пофални зборови за целокупната работа и успех.

– Денеска ја имав честа да ги примам младите херои кои освоија злато, 8:0 на Европскиот шампионат во кошарка. Македонија е горда на нивниот успех. Дело кое треба да се следи, истакна премиерот.

Пофалбите за младите кошаркари не ги штедеше ниту министерот за спорт, Ристовски.

– На мое големо задоволство гости во Владата беа хероите кои донесоа злато. Наша обврска е нивниот успех да го следиме и да создадеме услови за уште поголеми победи.

Победи кои ќе значат промоција на Македонија и создавање нови идоли во кошарката! Честитки момци! Македонија се гордее со вас!,  напиша министерот на официјалниот профил на социјалните мрежи.

 

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО