Откако вчера беше откажан тренингот на триатлонците, од Париз доаѓа веста дека денеска ќе нема тренинг ниту за жените!
Причината е постојаниот проблем со квалитетот на водата во реката Сена. Надлежните ќе треба да проценат дали познатата река, за чие чистење беа потрошени над една милијарда евра, ќе биде подготвена да ги прими натпреварувачите.
Доколку нивото на бактерии остане небезбедно, организаторите имаат две опции. Тие можат да се откажат од пливањето и да го претворат настанот во дуатлон или да го одложат за подоцнежен датум. За среда е планиран женскиот триатлон, а за петок, 2 август, машкиот.
Пливањето во Сена е забрането од 1923 година. Во 1990 година, Жак Ширак, тогашниот градоначалник на Париз, славно изјавил дека ќе ја направи реката доволно чиста за да влезе во неа, но не успеал во својата мисија.
На почетокот на овој месец, по неверојатната инвестиција, актуелната градоначалничка, Ан Идалго влезе во Сена и исплива околу 100-на метри за да покаже дека водата е чиста и безбедна за пливање.
Сепак, силниот дожд што го наруши свеченото отворање се одрази на квалитетот на водата, со закана од загадување, што загрижува.