Почитта кон жртвите од масакрот на OИ 1972 година ќе се одржи во тајност во Париз?

Меморијалната церемонија во чест на жртвите од терористичкиот напад на Олимписките игри (ОИ) во Минхен 1972 година, наводно, ќе се одржи пред Олимпиското село во Париз, на тајна локација, поради загриженост дека тоа би можело да биде мета на екстремистите со оглед на зголемениот антисемитизам, објавија израелските медиуми.

Според весникот „Израел Хајом“, церемонијата првично била закажана за 24 јули во градското собрание на Париз, но била откажана поради безбедносни причини. Наместо тоа, ќе се одржи алтернативна, помала церемонија на локација што нема да и биде откриена на јавноста, се вели во извештајот.

Олимпискиот комитет (ОК) на Израел ги демантираше вестите дека церемонијата е поместена поради закани, велејќи дека тоа е само логистички проблем, бидејќи посебните дозволи потребни за одржување на настанот во Градското собрание не може да се издаваат неколку дена пред церемонијата на отворањето на ОИ.

– Поради набиениот распоред на делегацијата, одлучено е церемонијата, во координација со претседателот на Интернационалниот олимписки комитет, Томас Бах, да се одржи во полн формат на 6 август на друга локација, го пренесува Тајмс оф Израел соопштението на ОК на Израел.

На церемонијата во Париз следниот месец ќе присуствуваат претседателот на ИОК, Томас Бах, градоначалничката на Париз, Ан Идалго, како и членовите на израелската делегација и лидерите на француските еврејски заедници.

Комеморацијата на жртвите од нападот на ОИ во Минхен, кога осум членови на палестинската милитантна организација „Црн септември“ се инфилтрираа во олимпиското село и убија 11 Израелци, за првпат се одржа за време на церемонијата на отворање на ОИ во Токио 2020 година.

Четири години претходно, во пресрет на отворањето на ОИ во Рио де Жанеиро, ИОК одржа комеморација во Олимпиското село. Семејствата на жртвите од Минхен со години се залагаат за поголемо јавно признавање на жртвите од ИОК.

ИОК се соочи со критики затоа што одби да одржи минута молчење за израелските жртви за време на отворањето на ОИ во Лондон 2012 година, 40 години по нападите.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО