Најбогатата продолжува со изненадувањата на Вимблдон. Ја совлада и втората на светот

Американката Ема Наваро (23), 19-та тенисерка на светот, стана „хит“ на Вимблдон по победата во второто коло над Наоми Осака, четирикратна грен слем победничка.

Но, не застана на тоа туку приреди уште едно, поголемо изненадување, поточно сензација. Таа ја елиминира и сонародничката Коко Гоф, втората тенисерка на светот, со убедливата победа во два сета, 6:4, 6:3. за 76 минута. Пласманот во четвртфиналето на Вимблдон за неа е најголем успех во досегашната кариера.

Наваро претходно, не само поради победата над Осака, стана главна приказна на Вимблдон, затоа што е побогата од Ѓоковиќ (182 милиони долари заработка во кариерата), Надал (134) и Федерер (130) заедно.

Како е тоа можно? Едноставно, затоа што е ќерка на Бен Наваро, банкар и инвеститор „тежок“ 3,5 милијарди долари според Форбс.

Годинава Наваро игра најдобро во кариерата и го освои првиот, и засега единствен турнир, во Хобарт, Австралија на почетокот од 2024-та.

Следна противничка на Наваро ќе и биде Италијанката Јасмина Паолини, финалистката на Ролан Гарос, седмата светска тенисерка, која исто така за првпат е во четвртфинале на Вимблдон.

Во осминафиналето нејзината ривалка, Американката Медисон Кис го предаде мечот поради повреда во решавачкиот трет сет, при резултат 5:5.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО