Домаќинот на Европско првенство (ЕП), Германија попладнево (18 часот) игра против Унгарија, во второто коло од групата А, во Штутгарт. Германците одлично стартуваа, ја победија Шкотска со 5:1, но сега ги очекува многу потежок противник и меч, иако Унгарија загуби со 1:3 од Швајцарија на првиот меч.
Уште една победа за Германците, кои на оваа средба ќе бидат во резервните, розеви дресови, ќе значи пласман во следната фаза. Унгарија пак со евентуален втор пораз, прерано ќе се прости од ЕП.
Се очекува селекторот на домаќините, Јулијан Нагелсман да смета на стартните 11 од натпреварот против Шкотска. Селекторот на Унгарија, Марко Роси сигурно ќе направи некои промени во тимот по неубедливиот настап против Швајцарија.
Статистиката покажува дека на последните три натпревари меѓу двете селекции Германија не победила. Во 2022 година, Унгарија победи со 1:0 на гости, во Лигата на нации (ЛН), а претходно ремизираа во истото натпреварување. На минатото ЕП, Германија во финишот од натпреварот, со голот на Леон Горецка израмни на 2:2.
Овој натпревар е меѓу неколкуте кои полицијата и УЕФА ги оквалификуваа со „висок ризик“, главно поради присуството на голем број унгарски навивачи. Затоа за безбедноста пред и на мечот ќе се грижат околу 2.500 полицајци. Навивачите на двата тима ќе бидат строго разделени на патот до стадионот и назад.