Германија по 70 години го менува Адидас со Најк, политичарите лути, сакаат повеќе „локалпатриотизам“

Одлуката на Фудбалскиот сојуз на Германија (ДФБ) да го смени снабдувачот на дресови за националниот тим, домашниот Адидас со американскот Најк од 2027 година, беше критикувана од политичарите!

Договорот, објавен пред неколку дена, беше пречекан со вознемиреност меѓу германските политичари, од левата и од десната страна.

Министерот за економија Роберт Хабек рече дека „би сакал малку повеќе локален патриотизам“, додека министерот за здравство, Карл Лаутербах одлуката ја нарече „погрешна“.

– Тешко можам да го замислам германскиот дрес без трите ленти. За мене, Адидас и „црно-црвено-златното“ секогаш припаѓаа заедно. Парче германски идентитет, изјави Хабек.

Од ДФБ објаснуваат дека договорот има финансиска смисла и оти од него ќе има корист германскиот фудбал, со „повеќе од 24.000 фудбалски клубови, 2,2 милиони активни играчи, бројни волонтери и речиси 55.000 судии.

Според извештаите во германските медиуми, Најк се согласил да плаќа околу 100 милиони евра годишно, што е двојно повеќе од зделката со Адидас, кој на ДФБ му плаќа 50 милиони евра.

Од Адидас кој ја снабдува германската фудбалска репрезентација со спортска опрема повеќе од 70 години, соопштија дека нема да ги коментираат деталите од договорот.

Баварскиот премиер, Маркус Содер рече дека националниот тим секогаш игра во трите ленти на Адидас.

– Тоа беше јасно како и фактот дека топката е тркалезна и дека играта трае 90 минути. Успешната приказна со Адидас почна во 1954 година со незаборавната победа на Светското првенство (СП) во Швајцарија која повторно и даде самодоверба на нашата земја.

Затоа е погрешно, срамно, исто така и несфатливо оваа приказна да заврши сега, рече тој додавајќи дека германскиот фудбал не треба да биде „пион во меѓународните корпоративни битки“ и оти „трговијата не е сè“, истакна Содер.

Објавувањето на договорот со Најк доаѓа на неколку месеци пред Европското првенство (ЕП) 2024. Германија која е домаќин на шампионатот, седиштето на Адидас во градот Херцогенарау, во близината на Нирнберг, го користи како своја база за турнирот.

Расправијата околу германскиот дрес доаѓа по го критиките на политичарите во Англија за дизајнот на дресовите на Англија, кои се „дело“ на Најк.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО