Светски куп во алпско скијање: Марко Одермат како Херман Маер во 2001-та

Швајцарецот Марко Одермат го освои малиот кристален глобус како најдобар во спуст, воедно го обезбеди и четвртиот голем кристален глобус за триумф во генералниот поредок во Светскиот куп (СП) во алпско скијање сезонава.

Последната годинашна трка вчера беше откажана поради лошите временски услови во австрискиот зимски центар Залбах.

Одермат (26) сезонава освои дури четири кристални глобуси, како севкупен победник (по трет пат), во спуст, супервелеслалом и во велеслалом. Тој е првиот скијач по Австриецот Херман Маер во 2001 година кој освоил четири кристални глобуси во една сезона.

– Ова е нешто многу посебно. Разговарав со Херман пред две години, кога ги освоив првите глобуси. Тој ми рече дека е многу убаво кога не ќе можеш да ги држиш во рацете сите глобуси! Затоа мислам дека ова ќе биде добро чувство, рече Одермат.

Сонародничката на Одермат, Лара Гут-Бехрами, ги освои титулите во генералниот пласман, супервелеслалом и во велеслалом во СК.

На последната трка сезонава, во саботата, Австријката Корнелија Хутер ја спречи Гут да ја освои титулата во спуст и да стане четвртата жена која освоила четири глобуси во една сезона, по Американките Микаела Шифрин и Линдзи Вон и Словенката Тина Мазе.

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО