Сопствениците на поранешниот европски фудбалски шампион Милан најавија изградба на нов стадион за „Росонерите“ да можат рамноправно да се натпреваруваат со елитните тимови во Европа. Веста ја потврди извршниот директор Гери Кардинале.
Говорејќи на Самитот за бизнис во фудбалот во Лондон, Кардинале објави дека клубот ќе добие „нов дом од 70.000 седишта“.
-Треба да биде добро не само за Милан, треба да биде добро за Италија и Серија А“, изјави Кардинале. Милан и градскиот ривал Интер веќе подолго време размислуваат да го напуштат „Сан Сиро“, кој е во сопственост на локалните власти, и да изградат свои посебни стадиони на периферијата на градот.
-Ќе отворам компанија која ќе го гради овој стадион, а потоа искрено сакам таа компанија да гради стадиони и за сите други тимови во Серија А, додаде основачот на инвестициската компанија RedBird Capital, која купи контролен пакет акции во Милан во 2022 година со договор вреден околу 1,2 милијарди евра.