Хрватот Лука Модриќ постигна прекрасен гол во победата на Реал Мадрид над Севилја (1:0). По натпреварот тој изјави дека таквите удари ги вежба секој ден на тренинг и дека е среќен што му помогнал на тимот.
Модриќ постигна гол во 81 минута со удар од околу 20-на метри и со тоа го зацврсти мадридскиот клуб на првото место во шпанскиот шампионат, со осум бода предност пред второпласираната Барселона.
– Јас вежбам вакви удари секој ден во нашиот тренинг камп Валдебебас (во северното предградие на Мадрид). Треба да шутирате кон голот, јас тоа го направив и топката влезе кај што треба, фала богу, изјави 38-годишниот Модриќ за клупската телевизија на Реал Мадрид.
Тој додаде и дека натпреварот против Севилја на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ бил доста тежок.
– Севилја ни ги отежнуваше работите, но на крајот победивме и тоа е најважно. Победата постигната на ваков начин е послатка, иако можевме порано да постигнеме гол. Среќен сум што помогнав со голот, рече Модриќ, кој влезе во игра во 75 минута.
По натпреварот, Модриќ го размени дресот со 37-годишниот дефанзивец на Севилја, Серхио Рамос, поранешниот капитен на Реал, со кого ја делеше соблекувалната, од 2012 до 2021 година.
– Тој ми е пријател, како брат ми е. Тој е одличен играч и продолжува да го покажува тоа. Иако и тој и јас сме критикувани поради годините, Рамос докажува дека и натаму е на високо ниво. Беше убаво да се видиме. За него навиваа и нашите навивачи иако беше на спротивната страна, што само покажува каква легенда е, истакна Модриќ.