Немаше голови на мечот меѓу Работнички и Струга кој се играше на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари, ремито на шампионот го искористи Шкупи кој со убедлива победа од 3-0 над Воска се искачи на врвот на табелата во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ).
Неефикасно беше првото коло од пролетниот дел на сезоната во ПМФЛ, денеска беа постигнати вкупно осум голови, на петте натпревари од кои по три на Чаир и во Штип.
Шампионот Струга загуби два бода откако одигра 0-0 на гостувањето кај Работнички, а со тоа го загуби и првото место на табелата.
Лидер сега е Шкупи кој со 3-0 славеше над Воска. Играч на мечот беше новото засилување Емануел Гронер кој погоди двапати, еднаш реализираше Трапановски.
Три бода освои и Шкендија која со гол од пенал на Тотре во првото полувреме славеше на гостувањето кај Македонија Ѓорче Петров со 1-0.
Интересно беше во Штип каде Брегалница со два гола во самиот финиш го сврте мечот го победи Тиквеш со 2-1. Кавадаречкиот тим имаше предност од првото полувреме со гол на Спахиу, водството го држеа се до финишот од мечот кога Ѓорѓиев погоди двапати за комплетен пресврт и многу важни бодови во борбата за опстанок.
Александар Васоски со пораз дебитираше на клупата на Силекс, во Кратово загуби со 1-0 од Брера Струмица. Единствениот гол на мечот падна во самиот финиш, а стрелец беше Стамениќ.
Резултати:
Брегалница – Тиквеш 2-1
Македонија ЃП – Шкендија 0-1
Работнички – Струга 0-0
Шкупи – Воска 3-0
Силекс – Брера 0-1
Вчера
Гостивар – Вардар 1-1
Табела: Шкупи 41, Струга 40, Шкендија 38, Силекс 27, Гостивар 25, Работнички 24, Брера 23, Тиквеш 22, Брегалница 20, Воска 20, Македонија ЃП 18, Вардар 18.