Ливерпул го надигра и убедливо го совлада Челси (4:1) во дербито на „Енфилд“ што освен по добрата игра ќе се памети и по двајца играчи на „црвените“.
Младиот, 20- годишен бек Конор Бредли, репрезентативецот на Северна Ирска, го постигна првиот гол за Ливерпул во кариерата и асистираше при постигнувањето на уште два гола за што заслужено беше прогласен за играч на натпреварот.
Со овие три бода Ливерпул ја задржа челната позиција во Премиер лигата, и ја најави фаворитската улога во следниот дуел со Челси во финалето на Лига купот на „Вембли“, на 25 февруари.
Напаѓачот на Ливерпул, Уругваецот Дарвин Нуњез (24) пак стана првиот играч кој четирипати ја погодил стативата и гредата на натпревар од Премиер лигата (сезонава девет пати!), од сезоната 2003/04 од кога се води ваков вид статистика.
Во 90-те минути среќата не беше на страната на Нуњез кој забележа една асистенција (сезонава веќе 11), имаше 11 шута и промаши пенал.
Со тие 11 удари без да постигне гол Нуњез се израмни со сонародникот Луис Суарез кој на мечот Ливерпул – Норич во октомври 2011 година, од исто толку обиди не даде гол.
Пред Нуњез четворица играчи по трипати ја погодувале стативата или гредата на натпревар во Премиер лигата.
Тоа се Тимо Вернер, на мечот Саутемптон – Челси, 0:6, во сезоната 2021/22; Леандро Тросар; Брајтон – Манчестер јунајтед, 2:3, 2020/21; Кристијано Роналдо, Манчестер јунајтед – Њукасл, 2:0, 2006/07 и Џеј Џеј Окоча, Тотенхем – Болтон, 0:1, 2003/04.