Според достапните официјални податоци за 2022 година, затоа што уште нема понови, најголем буџет во конкуренција на македонските ракометни клубови имал „Еурофарм Пелистер“, пренесува Фактор.мк
Овој клуб го финансира една од најголемите компании – веледрогерија за снабудвање со лекови и медикаменти. „Еурофарм“ финансира два клуба во македонската суперлига.
Првиот е „Еурофарм Пелистер“, а другиот е „Еурофарм Пелистер 2“. Од двата клуба има петмина репрезентативци во македонската ракометна репрезентација. „Еурофарм Пелистер“ во 2022 година располагал со 1,27 милиони евра имал 6 вработени лица, а годината ја завршил со добивка од 950 евра. Помалиот „брат“ „Еурофарм Пелистер 2“ годината ја поминал со 356.000 евра буџет имал две вработени лица и завршил со добивка од 450 евра.
Македонскиот ракометен супербренд „Вардар 1961“ таа година располагал со 1,22 милиони евра, а годината ја завршил со загуба од 284.000 евра. РК „Вардар 1961“ во оваа репрезентација дал три ракометари.
Најмногу ракометари дал најмладиот ракометен клуб „Алкалоид“ кој има големи амбиции и силен основач – тоа е македонскиот фармацевтски гигант „Алкалоид“.
Во 2022 година овој клуб располагал со 590.000 евра од кои 6.000 евра биле приход од ракометните школи, а другите се донација од компанијата „Алкалоид“. Клубот од Автокоманда 2022 година ја завршил со добивка од 7.800 евра. „Алкалоид“ во македонската репрезентација која сега настапува во Германија дал деветмина ракометари.