Во 40. издание на Суперкупот на Шпанија што ќе се одржи во Саудиска Арабија, утре во првото полуфинале ќе играат големите градски ривали, Реал Мадрид и Атлетико Мадрид.
Во второто полуфинале, в четврток, ќе се сретнат Барселона и Осасуна.
Финалето ќе се игра в недела, 14 јануари. Трите меча ќе се играат во Ријад, на стадионот на Ал-Наср, „Ал-Авал парк“ кој е со капацитет од 25.000 места.
Во Суперкупот на Шпанија играат прво и второпласираните тимови во Ла лига и финалистите во Купот на Шпанија.
Полуфиналниот дуел Реал- Атлетико е првиот од трите меѓу двата клуба за помалку од еден месец. По Суперкупот, вториот меч е на 18 јануари, во осминафиналето на „кралскиот куп“, а потоа на 4 февруари, е вториот натпревар од шпанската Ла лига сезонава.
Реал ги доби последните пет натпревари во сите натпреварувања и е во серија од 19 последователни натпревари без пораз. Единствениот пораз сезонава „кралевите“ го претрпеа од Атлетико во првенството, 1:3 на стадионот „Метрополитано“.