Англискиот крилен напаѓач, Џејдон Санчо, се враќа во Борусија Дортмунд на позајмица, по лошата епизода во Манчестер јунајтед кој за него плати дури 73 милиони фунти во 2021 година.
Санчо беше избркан од првиот тим на Јунајтед од менаџерот Ерик тен Хаг во септември и мораше да тренира со тимовите од клупската академија.
Но, егзилот на Санчо е речиси завршен, бидејќи германскиот весник Билд објави дека позајмицата до крајот на сезоната е речиси завршена работа и оти треба да се средат само некои детали. Тоа значи дека Санчо би можел да се најде на зимскиот тренинг камп на Дортмунд во Марбела, Шпанија, уште утре.
Зделката ќе ја чини Борусија околу 2,6 милиони фунти, велат од клубот. Дортмунд моментално е петти на табелата во Бундес лигата и заостанува шест бода зад тимот на Елиф Елмас, Лајпциг на четвртото место, односно има 15 бода помалку од лидерот Баер леверкузен.
Санчо (23) мина четири години во Дортмунд, во периодот од 2017 до 2021 година, постигнувајќи 50 гола и 64 асистенции на 137-те натпревари. Тој им помогна да го освојат Купот на Германија во 2021 година, непосредно пред преселбата во Јунајтед. Во финалето тој постигна два гола во победа над Лајпциг од 4:1.
Но, Санчо не остави добар впечаток на „Олд Трафорд“. За двете сезони, на 82 натпревари даде само 12 гола и имаше шест асистенции.