Жозе Мурињо пронајде нова работа

Тренерот Жозе Мурињо (61) доби отказ од Рома во јануари и оттогаш е без работа. Гласините го поврзуваа со многубројни клубови, а најпознатиот фудбалски инсајдер, Фабрицио Романо најави дека португалскиот стручњак ќе го преземе Фенербахче.

– Фенербахче е блиску до договор со Мурињо. Тој веќе кажа “да”, усно се договорија и претставниците на Мурињо сега го разгледуваат договорот. Денеска би можело да има и официјално соопштение, напиша Романо во објава на Х.

Мурињо треба да потпише двегодишен договор со опција за продолжување на уште една сезона. Турските медиуми објавија и дека Мурињо контактирал со босанскиот напаѓач, Един Џеко и со бразилскиот играч за врска, Фред. Тој двајцата ги тренираше во минатото, во Рома и во Манчестер јунајтед, а наводно се интересирал за ситуацијата во клубот.

Мурињо е еден од најуспешните тренери на 21 век. Тој ги водеше Бенфика, Леирија, Порто, Челси, Интер, Реал Мадрид, Манчестер јунајтед, Тотенхем и Рома. Четирипати беше прогласуван за најдобар тренер на годината, двапати ја освои Лигата на шампиони (ЛШ), а на тоа додаде уште 26 клупски трофеи.

Фенербахче минатата сезона во првенството на Турција беше втор со 99 бода, три помалку од шампионот Галатасарај. Во Лигата на конференции (ЛК) стигна до четвртфиналето, каде што беше елиминиран од идниот победник, Олимпијакос.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО