Зголемен е наградниот фонд, но и цената на билетите на Ролан Гарос

За 10-на дена, на 26 мај, почнува вториот годинашен тениски грен слем турнир, Ролан Гарос во Париз, што ќе трае до 9 јуни. Во пресрет на турнирот една вест пријатно ги изненади тенисер(к)ите учесници, а тоа е зголемениот награден фонд.

Организаторите на турнирот открија дека наградниот фонд за годинашниот турнир што се игра на земја ќе изнесува речиси 53,5 милиони евра, што е зголемување за повеќе од 7,8 отсто во однос на 2023 година.

Победниците во машка и во женска конкуренција ќе добијат по 2,4 милиони евра, а поразените финалисти двојно помалку, по 1,2 милиони. Победниците во женски и во машки двојки ќе добијат по 590.000 евра. Поразот во првото коло на турнирот сепак носи 73.000 евра, а победата и пласман во второто коло вреди 110.000 евра.

Зголемување имаше и на паричните награди во квалификациите. Оние што ќе загубат во последното квалификациско коло дома ќе си заминат со по 41.000 евра, 7.000 повеќе од лани.

Зголемен е наградниот фонд, но и цената на билетите. Како прво, многу тешко е да се набават, а оние што ќе успеат во тоа, ќе мора доста да го „олеснат паричникот“.

Цените на билетите варираат во зависност од локацијата на седиштата и од фазата на турнирот. Опсегот се движи од 250 до 2.000 долари за седишта на централниот терен.

Годинава титулата во машка конкуренција ќе ја брани Србинот, Новак Ѓоковиќ, а во женска Ига Швјатек од Полска.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО