Зеленортските острови ја декласираа Србија во пријателски натпревар

Фудбалската репрезентација на Србија, која не се квалификуваше за Светското првенство, претрпе тежок пораз во пријателски натпревар. Вечерва во Лисабон, екипата на селекторот Вељко Пауновиќ загуби од Зеленортските острови со убедливи 3:0, што предизвика шок и неверица кај српската јавност.

Поразот е уште потежок бидејќи фудбалерите на малата африканска држава се 69-ти на ФИФА листата, додека Србија е на 39-то.

Катастрофата за Србија беше најавена уште на почетокот на натпреварот. Во 11-та минута, Ленини постигна гол со асистенција од Мендес. Голот за водство во транс ги фрли 10.000 навивачи на Зеленортските острови.

Србите, во првиот дел, не успеаја ниту еднаш да се закант кон голот на противникот.

Во вториот дел, како што е вообичаено на пријателските натпревари, по 55-та минута следуваа многу промени во двата тима.

Новите фудбалери, не донесоа промена во играта на Србија. Зеленортските острови беа подобриот тим, што го потврдија со уште два брзи гола.

Прво, Дуарте го зголеми резултатот на 2-0 во 59-та минута, а само четири минути подоцна, Бенчимол го постави конечниот резултат. Иако Србија играше во комбиниран состав, никој не очекуваше толку тежок пораз.

Српските медиуми беа изненадени од настапот на репрезентацијата, а насловните страници се исполнети со остри критики.

„Каде е одбраната? Зеленортските острови, до врв ја наполнија мрежата на Србија! Промаја дуваше од сите страни“, пишува Курир.

Блиц наведува дека среќа во тешкиот пораз е што станува збор за пријателски натпревар: „Среќа што ова беше пријателски натпревар: Комбинираниот тим на Србија страдаше од Зеленортските острови. Тешка работа е пред селекторот Пауновиќ.

„Дебакл на Србија во Лисабон – Зеленортските острови им одржаа лекција на „орлите““, е коментарот на порталот Б92.

Порталот Nova.rs заклучува: „Катастрофата на Србија во Лисабон и срам за „орлите“: Зеленортските острови ни покажаа зошто не сме на Светското првенство“.

Foto: EPA

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО