Заради безбедносните предизвици на ЛОИ: Француските полицијци ќе добијат бонуси до 1.900 евра

Полицајците за дополнителната работа за време на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз летово ќе добијат бонуси до 1.900 евра, соопшти францускиот министер за внатрешни работи, Жералд Дарманин.

Полициските синдикати се загрижени за работните услови за време на ЛОИ кои ќе се одржат од 26 јули до 11 августи, како и за Параолимписките игри (ПОИ) што ќе следуваат. Тие протестираа и ја прекинуваа работата месецов барајќи подобра плата и гаранции за одмор, како и грижа за децата летово.

Дарманин им напиша на полицајците дека вработените во Министерството за внатрешни работи ќе добијат посебни бонуси за работата за време на безбедносната операција за време на одржувањето на ЛОИ што е без преседан по обем за Франција.

За безбедноста летово во Париз ќе се грижат десетици илјади полицајци, илјадници војници и голема бројка приватно обезбедување.

За да се компензира нивната мобилизација, полицајците што ќе имаат пократок летен одмор поради Игрите ќе добијат бонус од 1.000 евра. Оваа сума ќе се зголеми на 1.600 евра за тие што ќе работат во области каде што ќе се одвиваат олимписките настани.

Персоналот распореден во регионот на Париз, граничната полиција на аеродромите и меѓународните транспортни служби ќе добијат по дополнителни 300 или вкупно по 1.900 евра.

Дарманин рече дека сака 100 насто од вработените да бидат на располагање од 24 јули до 11 август, но вети дека надвор од тој период на секој вработен му се загарантирани најмалку по две недели одмор, меѓу 15 јуни и 15 септември.

Безбедносниот предизвик пред ЛОИ беше нагласен кога беше убиен турист во напад со нож во близина на Ајфеловата кула на 2 декември.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО