Осма позајмица во кариерата за некогаш големата надеж на Сити

Искусниот шпански фудбалер Анхелињо кариерата ќе ја продолжи настапувајќи за Рома.

Тој пристигна на позајмица од бундеслигашот РБ Лајпциг, со опција италијанскиот клуб да го откупи неговиот договор на крајот од сезоната – откупната клаузула е пет милиони евра. Во Рома задоволно ги тријат рацете.

Анхелињо игра лев бек, има 27 години и има големо искуство играјќи во неколку различни лиги. Но со различен успех. Неговата позајмица во Рома е осма од ваков вид во неговата кариера.

Тој своевремено беше надежта на Манчестер Сити, но не успеа да избори место во тимот на Пеп Гвардиола.

Првиот професионален договор со Граѓаните го потпиша во 2014 година, но главно беше испратен на позајмица. Тој играше за Њујорк Сити, Жирона, Мајорка и Бреда пред да потпише за ПСВ Ајндховен во 2018 година. По само една успешна сезона со Филипс, Сити повторно го откупи неговиот договор, но по само шест месеци повторно беше испратен на позајмица, овој пат во РБ Лајпциг.

Добро играше и во Бундеслигата на почетокот, па германскиот клуб го откупи неговиот договор и потпиша нов до 2025. Во меѓувреме го загуби местото во стартниот состав, па и во овој клуб доживеа и испраќање на позајмица, прво во Хофенхајм, па во Галатасарај.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО