Во Алмерија бесни на судењето на мечот со Реал: Најлошото е што мислат дека тоа што се случи е во ред!

Утрото по победата на Реал Мадрид над Алмерија во меч во кој избраниците на Карло Анчелоти негативата од 0:2 ја претворија во победа 3:2, големо незадоволство во редовите на поразениот тим.

Победничкиот гол „кралскиот клуб“ го постигна во деветтата минута од судиското надополнување, а ВАР постојано беше активен во текот на целиот меч. Контроверзите ги предизвика пеналот за Реал, поништениот гол на Алмерија, дури 11 минути продолжение и голот на Винисиус Жуниор со рамо…

– Заминуваме со чувство дека сме ограбени. Не можеа да направат повеќе од ова за да му помогнат на Реал. Нема шанси ова да го прифатиме. Тоа што се случи ги мина сите граници. Најлошото е што мислат дека тоа што се случи е во ред. Многу ме боли, Ла лига е светлосни години зад Премиер лигата, изјави играчот од средниот ред на Алмерија, Гонзало Мелеро.

Исклучениот тренер Гаизка Гаритано рече дека повеќе би сакал да си го „гризне јазикот“ отколку да зборува за судењето.

– Немам ништо да кажам. Судијата со право ме исклучи поради премногу протестирање. Го гледавте мечот и видовте што се случи. Мое мислење? Не е важно, затоа што ќе ме казнат за тоа што го зборувам, не вреди, изјави Гаритано.

Играчот од одбраната на Алмерија, Едгар Гонзалес, исто така беше незадоволен од она што се случуваше на мечот.

– Можеше да се види дека на играчите на другиот тим им беше дозволено да му кажат што било на судијата, а ние не смеевме. Има многу разлики. Разбирам дека тие се Реал, ние сме Алмерија, но ова натпреварување треба да биде фер за сите. За вториот гол имаше очигледно играње со рака, а пеналот не постоеше. Сите одлуки беа во корист на Реал, истакна Гонзалес.

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО