Оли Воткинс, напаѓачот на Астон вила, досега одигра само 22 минути на ЕП, во 2. коло од групната фаза против Данска, а останатите натпревари ги следеше од клупата за резерви.
На мечот против Холандија тој доби шанса во 81. минута, можеби неочекувано, затоа што сите очекуваа Иван Тони да го замени Хари Кејн. Но, 10-на минути подоцна Воткинс (29) стана херој на Островот.
– Се колнам во мојот живот, се колнам во животите на моите деца. Му реков на Кол Палмер: „Влегуваме денеска, а ти ќе ми асистираш“. Бев пресреќен кога ми ја додаде топката.
Знаев дека штом ќе ја добие топката ќе ми ја додаде, а јас требаше да ја примам и да ја завршам акцијата. Да се види како оди топката во долниот агол е најдоброто чувство за мене досега во кариерата, призна Воткинс.
Пред да се пресели во Астон вила во 2020 година, Воткинс мина три сезони во Брентфорд и на 132 натпревари постигна 45 гола. Во дебито за Вила, во Лига купот, постигна гол, а потоа и во Премиер лигата, во октомври 2020-та, еден месец откако потпиша петгодишен договор.
За репрезентацијата на Англија дебитираше во 2021 година, во квалификациите за Светското првенство (СП) 2022-та. Тој на репрезентативното деби постигна гол против Сан Марино.
Но не беше на СП во Катар, за да по 18 месеци се врати во репрезентацијата, откако претходната сезона во Премиер лигата даде 19 гола и имаше 13 асистенции.