Манчестер сити, во 35. коло забележа важна победа во борбата за шампионската титула. „Граѓаните“ славеа во Нотингем со 2:0, на табелатаа имаат бод и натпревар помалку од лидерот Арсенал.
Конечниот резултат не ја дава вистинската слика на се она што се случуваше на стадинот во Нотингем. „Шумарите“ промашуваа, а актуелните шампиони максимално ги користеа своите шанси.
Сити поведе со голот на хрватскиот репрезентативец Јошко Гвардиол во 32. минута по корнерот на Кевин де Брујне.
До тој момент избраниците на Пеп Гвардиола не создадоа ниту една шанса, не блескаа ниту во преостанатиот дел од натпреварот, но Ерлинг Халанд во 71. минута се најде на вистинското место и го постигна 21. гол сезонава.
Избраниците на Нуно Еспирито Санто храбро им се спротивставија на „граѓаните“, имаа повеќе од играта и создадоа неколку исклучителни шанси, но несфатливо е како домашните играчи несмасно реагираа во неколку ситуации, пред се Новозеланѓанецот Крис Вуд, кој промаши две чисти шанси, а една голема шанса не реализираше Бразилецот Муриљо.
Проблем за Сити во преостанатиот дел од сезоната би можела да биде повредата на првиот голман Едерсон. На паузата меѓу двете полувремиња го замени Стефан Ортега.