(ВИДЕО) Реал Мадрид во 91. минута ја победи Барса во „Ел класико“, титулата на дофат

Реал Мадрид ја победи Барселона со 3:2 во „Ел класико“ на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ и практично ја обезбеди шампионската титула во шпанската Ла лига.

Со оваа победа серијата на Реал без пораз во сите натпреварувања стигна до бројката од 28 натпревари, 22 победи и шест ремија. Последниот пораз „кралевите“ го претрпеа од Вилјареал, на домашен терен, на 8 април 2023 година.

Винисиус Жуниор, Лукас Васкез и Џуд Белингам ги постигнаа головите за Реал, а стрелци за Барселона беа Андреас Кристенсен и Фермин Лопез. Реал на шест кола до крајот има речиси недостижни 11 бода предност пред второпласираната Барселона.

Натпреварот почна шокантно за Реал, бидејќи уште во шестата минута Кристенсен погоди за водство на Барселона. Рафиња изведе корнер, а Кристенсен беше највисок на втората статива и ја испрати топката во мрежата.

Реал успеа да израмни во 18. минута. Лукас Васкез влезе во шеснаесетникот на Барса и беше соборен од младиот Пау Курбаси. Винисиус ја презеде одговорноста и погоди од белата точка. Првото полувреме го одбележа и тешката повреда на Френки де Јонг.

Во продолжение Барселона стигна до ново водство, преку Фермин Лопез во 69. минута. Но Реал веднаш израмни со голот на одличниот Васкез 73. минута. Победата на Реал му ја донесе Белингем, во 91. минута.

За него тоа беше 21 гол сезонава во сите конкуренции, од кои 17 во Ла лига, еден помалку од најефикасниот, Украинецот Артем Довбик од Џирона.

Белингам лани во октомври постигна два гола за Реал (2:1) на гости кај Барса, на олимпискиот стадион „Луис Компанис“. Победничкиот трет, синоќа на Бернабеу, значи дека тој е првиот играч на Реал кој постигнал гол на првите два меча во „Ел Класико“ во Ла лига, по Руд ван Нистелрој во 2007 година.

Во второто полувреме имаше и една спорна ситуација, на штета на Барса, откако ВАР-от не можеше да докаже дали топката ја минала гол линијата или не. „Тоа е срамота“, беше бесен тренерот на Барса, Чави, жалејќи се дека гол-технологијата што се користи во другите врвни европски лиги, не е достапна во Ла лига.

– Ако сакаме да бидеме најдобрата лига во светот, треба да напредуваме и во оваа работа, треба да ја користите најмодерната технологија, рече Чави.

Исто мислење како неговиот тренер имаше и голманот на Барселона, Марк-Андре тер Штеген.

–Тоа е срамота е за фудбалот, немам зборови. Има толку многу пари на овој свет, а нема пари за она што е најважно, истакна германскиот репрезентативец.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО