Познатиот, трофеен шведски фудбалски тренер, Свен Ериксон почина на 76-годишна возраст. Пред седум месеци тој и откри на јавноста дека боледува од рак на панкреасот и оти му останува најмногу уште една година од животот.
Оттогаш, тешко болниот Ериксон се трудеше да мине што повеќе време со семејството и да си ги исполни желбите кои досега не можел да ги оствари.
Една од нив беше да биде тренер на Ливерпул. „Црвените“ му ја исполнија желбата и пролетва тој ги предводеше своите легенди против легендите на Ајакс, на „Енфилд“.
Ериксон се афирмира во Гетеборг, со кого освои два национални купа, но со сензационалниот триумф во Купот на УЕФА 1982 година се проби на големата сцена.
Тој ја презеде Бенфика и во две периода освои три шампионски титули и еден куп, а стигна и до финалето на Купот на УЕФА 1983 година и во Купот на шампионите (КЕШ) 1990 година.
Тој остави огромен белег во Италија. Со Рома, Сампдорија и Лацио го освои Купот на Италија. Со Лацио го освои и „скудетото“ во Италија. Истиот клуб го доведе и до освојување на Купот на победниците на куповите (КПК), во последното издание (1999-та).
Потоа, од 2001 до 2006 година, тој ја предводеше Англија, во тоа време една од најдобрите генерации на таа земја во историјата, но не успеа да напредува повеќе од четвртфиналето на големите натпреварувања. Последните шест години од кариерата, до 2019 година, работеше во Кина и на Филипините.
Во последните месеци од животот, Ериксон се најде и пред камерите во документарниот филм што почна да се прикажува минатата недела на „Амазаон прајм“ (Amazon Prime).
Таму може да се види Ериксон како го минува времето во Суне, во неговата родна Шведска, смртно болен, каде што повторно се поврзал со синот и со ќерката.