(ВИДЕО) НЦАА: Конектикат ја одбрани титулата, прв по Флорида 2007-та

Конектикат ја одбрани титулата во американската универзитетска кошаркарска лига, НЦАА, победувајќи го во финалето Пердју со 75:60, на стадионот „Стејт фарм“ во Глендејл, Аризона.

Втора година по ред, Конектикат, со прекарот Хаски, доминираше на патот до титулата, и е првиот тим што освојува две последователни титули, по Флорида во 2006 и 2007 година, вкупно осми тим во историјата на НЦАА што победува двапати по ред (лани против Сан Диего). Покрај Конектикат и Флорида, уште Дјук има освоено две титули во низа (во 1991 и 1992-та).

„Хаските“ ги добија сите шест НЦАА финалиња, од 1999 до 2024 година, и се израмнија со Северна Каролина според бројот на титули (по 6). Поуспешни се само УКЛА (11) и Кентаки (8).

Пердју и натаму е без титула, по трите настапи на фајнал-форот и само едно финале, годинава.

Тристен Њутн го предводеше Конектикат со 20 поени и седум асистенции (14,5 поени и 7,2  асистенции на турнирот), но имаше голема помош од  Стефон Касл кој даде 15 коша, и од Кам Спенсер со 11-те поени и осумте скока.

Центарот на Пердју, Зак Иди, мечот го заврши со 37 поени и 10 скока, но неговите соиграчи лошо шутираа, погодија само 9/29 удари од поле (31 отсто).

– Не можете ни да размислувате многу, бидејќи знаете колку е тежок овој турнир. Каква посебна група луѓе. Број шест! Некако се навикнуваме на ова, на конфетите, на трофејот, рече тренерот на Хаски, Ден Харли, по победата.

Ден претходно, кошаркарките на Јужна Каролина го освоија шампионскиот пехар во НЦАА, победувајќи ја Ајова во финалето (87:75), предводена од најдобрата колеџ играчка во историјата, Кејтлин Кларк.

За Јужна Каролина која совршената сезона ја заврши без пораз (39-0), ова беше трета титула во историјата, втора во последните три години.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО