Лос Анџелес клиперс одиграа епски натпревар со Далас маверикс, победија со 116:111 и израмнија на 2:2 во серијата во првата плеј-оф рунда за Западната конференција.
Маверикс беа во негатива од 31 поен во првото полувреме, 24:55, но, потоа дојде враќањето, во режија на Кајри Ирвинг и на Лука Дончиќ. Ирвинг беше најефикасен со 40 поени, а Дончиќ имаше трипл-дабл ефект, со 29 поени и по десет скока и асистенции, но не успеаја тоа да го крунисаат со победа.
Кај Клиперс одличен во последната четвртина беше Џејмс Харден кој натпреварот го заврши со 33 поени, исто колку и Пол Џорџ кој во финишот погоди „тројка“ од многу тешка ситуација, од корнер!
Доколку Маверикс победеше ќе го израмнеше рекордот во плеј-офот за најголемо враќање од негатива што го постави Клиперс, против Голден Стејт вориорс во 2019 година.
Петтиот натпревар од серијата се игра во Лос Анџелес во среда.