Манчестер јунајтед се пласираше во четвртото коло на ФА Купот, откако по голема драма го елиминира го Арсенал, во Лондон. По 90 и 120 минута резултатот беше 1:1, а пенал серијата избраниците на Рубен Аморим го добија со 5:4.
Јунајтед поведе во 52. минута, по една брза акција, Алехандро Гарначо го проигра Бруно Фернандеш, а тој со одличен удар го матираше Давид Раја.
Сепак, само девет минути подоцна, играчот на Јунајтед, Диого Далот беше исклучен поради втор жолт картон, а Арсенал веднаш го искористи тоа и го израмни резултатот на 1:1. Со малку среќа погоди Габриел, топката по неговиот удар на патот кон голот ја допре Де Лихт и го измами голманот Алтај Бајиндир, кој блескаше на голот на Јунајтед.
Имаа шанса избраниците на Микел Артета да направат целосен пресврт, но во во 72. минута Бајиндир го одбрани пеналот на Мартин Одегард.
Јунајтед целото продолжение го издржа со играч помалку, а на крајот решавачка во пеналите беше втората серија во која Бајиндир го одбрани ударот на Каи Хаверц. Бруно Фернандеш, Амад Диало, Лени Јоро, Лисандро Мартинез и Џошуа Зиркзе постигнаа голови за Јунајтед.