(ВИДЕО) И најдобриот забивач на сите времиња влегува во „Куќата на славните“

За време на фајнл-фор турнирот на НЦАА во Глендејл, Аризона беа објавени 13 имиња кои годинава ќе бидат вклучени во кошаркарската „Куќата на славните“ во Спрингфилд. Во февруари беа номинирани 14 кандидати, а 13 од нив го минаа потребното гласање за потврда на влезот.

„Генерацијата 2024“ ја предводи Винс Картер, еден од најдобрите забивачи, играчот со најдолг стаж на сите времиња, единствениот кој ја продолжи кариерата во текот на четири децении (од 1998 до 2020 година), а се пензионираше на 43 години.


Првата ѕвезда во историјата на Торонто репторс, тој ја стави Канада на кошаркарската мапа и го иницираше развојот на спортот, што кулминираше со освојувањето бронза на Светското првенство (СП) минатата година.

Картер никогаш не освои НБА шампионска титула, но беше осумкратен Ол-стар, двапати во „топ – пет“ играчи на лигата, дебитант на годината, а особено се памети по прекрасниот настап на натпреварот во забивање во 2000 година.

Кариерата ја заврши со 25.728 постигнати поени, до неодамна беше на 20-то место на сите времиња, пред Џејмс Харден да го надмине.

Кој друг влегува во „Куќата“? Чонси Билапс, шампионот и МВП на финалето од 2004 година со Детроит пистонс и петкратен Ол-стар, актуелен тренер на Портланд трејллејзерс.

Потоа, Мајкл Купер кој освои пет шампионски титули со ЛА Лејкерс во 1980-те, Дик Барнет, освојувачот на двете, и досега единсвени титули во историјата на Њујорк никс, како и Волтер Дејвис, се’ уште водечкиот стрелец во историјата на Феникс санс.

Меѓу новопримените се четирикратната шампионка на женската ВНБА лига, Сејмон Августус, австралиската кошаркарка Мишел Тимс, тренерите Харли Редин, Бо Рајан и Даг Колинс, кој е примен како тренер и како телевизиски аналитичар.

Вклучен е и Херб Сајмон, сопственикот на Индијана пејсерс од 1983 година до денес, што го прави сопственик со најдолг стаж во историјата на НБА.

Посебно треба да се истакне Џери Вест, човекот од логото на НБА, кој по трет пат влегува во „Куќата на славните“.

Најпрвин како играч и како член на „златниот“ олимписки тим од 1960 година, потоа за придонесот во играта, како поранешен генерален менаџер на Лејкерс, одговорен за петте титули во 1980-те, првата со Коби Брајант и со Шекил О’Нил. И како специјален советник на Голден Стејт вориорс, со кои освои уште две титули  минатата деценија.

Свечената церемонијата за приемот во „Куќата на славните“ за 2024 година ќе се одржи на 16 и 17 август во Спрингфилд.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО