Вембањама блеска – Сан Антонио го „олади“ Мајами, Оклахома неприкосновена против Вашингтон

Францускиот суперталент Виктор Вембањама повторно беше во центарот на вниманието во НБА-лигата, откако го предводеше Сан Антонио до победа над Мајами Хит со 107:101. Младиот ѕвезден центар одигра фантастичен меч – забележа 27 поени, 18 скока, 6 асистенции и 5 блокади, со што уште еднаш потврди дека веќе е подготвен да биде лидер на Спарс.

Иако Бем Адебајо имаше одлична партија за гостите со 31 поен и 10 скока, тоа не беше доволно да се спречи новиот триумф на Сан Антонио, кој сега има максимални пет победи од исто толку натпревари – најдобар старт во историјата на франшизата.

Во друг натпревар од вечерта, Оклахома Сити Тандер убедливо го совлада Вашингтон Визардс со 127:108. Шеј Гилџиус-Александер повторно блескаше со 31 поен и 7 асистенции, а уште двајца соиграчи му се приклучија со над 20 поени. Тандер ја продолжија својата серија и сега имаат скор 6-0 на почетокот на сезоната.

Двата млади тима, предводени од своите ѕвезди во подем, покажуваат дека оваа сезона ќе бидат сериозен фактор на Западот и дека големите фаворити ќе мора да сметаат на нив.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО