Ватерполистите на Шпанија ја слават првата европска титула по триумфот над Хрватска

Шпанија ја победи Хрватска со 11:10 во финалето на 36.Европско првенство (ЕП) во ватерполо чиј домаќин , во Дубровник и во Загреб, беше Хрватска.

Шпанците губеа со 3:6, а во последната четвртина влегоа со негатива од два гола, 8:10. Но до крајот успеаја да дадат три гола, не примија ниту еден, и заслужено и се радуваа на победата.

-Беше многу тешко, но играчите во своите глави веруваа во победата. Хрватска одигра одличен натпревар, но ние во ниту еден момент не престанавме да веруваме дека можеме да победиме, истакна шпанскиот селектор Давид Мартин.

Ова е прво европско злато за Шпанците со што обезбедија пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) летово во Париз. Шпанија претходно загуби во три финалињата на ЕП, од Србија во 2018, од Унгарија во 2020, и од Југославија во 1991 година.

Шпанските медиуми еуфорични ја прославија големата победа. „Марка“ пишува дека Шпанија стигна до „тројната круна“ бидејќи по триумфите на ЛОИ 1996 година и на Светското првенство (СП) во 1998, 2001 и 2022 година, конечно ја освои и првата титула европски првак.

-Само ова ни недостигаше: Ние сме европски шампиони, пишува „Маркa“, која како и „Ас“ го слави победоносниот гол на Алваро Гранадос на 48 секунди пред крајот на мечот.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО