По вчерашните неспортски случувања на стадионот во Тетово за време на првенствениот фудбалски натпревар меѓу Шкендија и Вардар, денеска со реакција се огласи најтрофејниот македонски клуб.
-На натпреварот во Тетово, повторно бевме сведоци на срамни националистички испади, како и на употребата на тврди предмети упатени кон фудбалерите на Вардар. Сепак, тоа што најмногу не револтираше, беше отсуството на македонското знаме, кое според пропозициите на ФФМ е задолжителен декор кој мора да ги краси сите стадиони. Би сакале да посочиме дека за разлика од крајно нецивилизираното однесување на навивачите на Шкендија, сепак управата на тетовскиот клуб се потруди пред се околу приемот на нашата екипа, а потоа и во однос на смирувањето на страстите на трибините, но за жал не успеа. Како клуб реагиравме за неодамнешните идентични испади на стадионот во Чаир, сега реагираме за испадите во Тетово. Се прашуваме до кога?! Се прашуваме и ги прашуваме пред се надлежните институции, а потоа и сите останати чинители кои денес го претставуваат македонскиот фудбал. Затоа што немањето реакција, не е само одлика на непрофесионализам, туку и на согласност. Затоа да реагираме и да го вратиме мак-фудбалот на нормалните патеки!, се вели во реакцијата на скопските „црвено-црни“.