Уште 100 дена до ЛОИ 2024: Макрон ја уверува јавноста за безбедноста, има резервни планови!

Францускиот претседател, Емануел Макрон денеска го почна 100-дневното одбројување до почетокот на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз, уверувајќи ја јавноста за безбедноста околу церемонијата на отворањето на Сена, признавајќи за првпат постоење на Б и Ц планови во случај на терористичка закана.

– Церемонијата на отворањето на Игрите покрај реката Сена, во главниот град Париз, на 26 јули, е прва од ваков вид во светот. Можеме и ќе го направиме тоа, но има планови Б, па дури и Ц, и ги подготвуваме во паралелно, рече Макрон.

 

Шефот на државата повтори дека се разгледуваат резервните сценарија, но за првпат почна детално да ги опишува.

– Ќе направиме анализа на ризикот во реално време. Значи, имаме церемонија што ја подготвуваме, која би била ограничена на Трокадеро или само на еден дел од Сена. Но има и варијанта да се вратиме на „Стад де Франс“ , на класично отворање, објасни тој.

Сепак сакаше да убеди во безбедносниот систем кој овозможува реализација на сценариото на реката, кое е приоритетно.

– Ние предвидуваме, поставуваме безбедносен периметар кој ќе биде многу широк, каде што ќе ги проверуваме сите луѓе кои влегуваат и излегуваат.

За да се обезбеди најдобра можна безбедност, намалена е и големината на церемонијата, намален е бројот на гледачи кои можат бесплатно да присуствуваат, од 500.000 на 222.000. Со оние кои платиле за место на дното на платформата, таму би требало да бидат околу 320.000, вкупно, рече Макрон.

Три месеци пред почетокот на најголемиот глобален настан, и додека „облаците се надвиснуваат“ на меѓународно ниво, претседателот, исто така, се обиде да ја обнови дипломатската корисност на Игрите.

– Франција ќе направи се’ за да постигне олимписко примирје, ветувам дека ќе работам на тоа особено со кинескиот претседател Кси Џинпинг. Го замолив да ми помогне, а тој го потврди своето пристигнување во Париз за неколку недели, истакна Макрон.

Инаку, анкетата на Ипсос објавена во Ла Трубун Диманш, покажува дека само 53 отсто од Французите велат дека се „заинтересирани“ за Игрите, осум отсто помалку од пред шест месеци. Но затоа повеќето испитаници велат дека се загрижени за способноста на Франција да обезбеди непречено одвивање на ЛОИ.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО