Тухел ќе остане селектор на Англија

Томас Тухел се најде на мета на жестоки критики од англиската јавност по поразот од Аргентина во полуфиналето на Светското првенство, но неговата позиција како селектор засега останува сигурна.

Англиската фудбалска асоцијација (ФА), предводена од извршниот директор Марк Булингам, продолжува да го поддржува германскиот стручњак, кој треба да ја предводи репрезентацијата во циклусот за Европското првенство во 2028 година, пишува „Скај Спортс“.

По поразот од 2:1, Тухел ја презеде одговорноста, особено за одлуката да го повлече тимот по водството и да игра со пет дефанзивци.

„Тоа е моја одговорност. Јас донесувам одлуки и ги прифаќам последиците“, рече тој по натпреварот и призна дека Англија станала премногу пасивна.

Критичарите го обвинуваат Тухел дека го повторил токму она, поради што и неговиот претходник Гарет Саутгејт со години беше критикуван. Англија поведе во клучниот натпревар, а потоа се повлече пред сопствениот гол и се обиде да ја одбрани минималната предност наместо да продолжи со напаѓачка игра. Аргентина го казни таквиот пристап со два гола на крајот и го смени резултатот.

И покрај бројните критики, Англиската фудбалска асоцијација очигледно смета дека пласманот во полуфиналето е доволно добар резултат за продолжување на соработката.
Самиот Тухел исто така нема намера да поднесе оставка и ја потврди својата посветеност на националниот тим до Евро 2028.

Таквата одлука сигурно нема да задоволи голем дел од англиските навивачи, од кои многумина побараа негово заминување веднаш по поразот. Коментаторите ги нарекоа неговите тактички промени за време на натпреварот „кукавички и неразбирливи“.

Пред да се врати дома, Англија има уште еден натпревар за третото место против Франција. Иако тоа ќе биде можност Тухел малку да го подобри впечатокот, се чини дека одлуката за неговата иднина е веќе донесена и дека ФА цврсто стои зад него.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО