Црногорците го продолжија договорот со Просинечки до 2026-та

Челниците на Фудбалскиот сојуз (ФС) на Црна Гора го продолжија договорот со Роберт Просинечки, кој останува селектор на националниот тим до 2026 година.

– Репрезентацијата на Црна Гора во квалификациите за СП 2026 година ќе ја предводи Роберт Просинечки, кој ја доби довербата од членовите на Извршниот комитет да продолжи да работи со нашата сениорска селекција, соопшти ФС на Црна Гора.

Сезонава, Црна Гора предводена од 55-годишниот Просинечки, испадна од Лига Б во Лига Ц во Лигата на нации (ЛН), а на шесте натпревари претрпеа дури пет порази, со само една победа.

Просинечки ја предводеше репрезентацијата на 10 натпревари со ефект од три победи и седум порази. Тој држи и негативен рекорд со најмногу последователни порази во историјата на црногорската репрезентација.

Просинечки почна со победи во пријателските натпревари против Белорусија и Македонија, а потоа уследи рекордна серија од седум порази што беше прекината со победа на домашен терен против Турција (3:1) во ЛН.

Просинечки ја презеде Црна Гора во февруари годинава, а претходно во кариерата беше во стручниот штаб на хрватската репрезентација, како и селектор на Азербејџан и Босна и Херцеговина.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО