Традицијата продолжува – Англичаните нема да земат ниту една фунта од настапот на Светското првенство

Без разлика на конечниот пласман на Светското првенство во САД, Мексико и Канада, и од кој зависи износот на наградата што ФИФА ќе и ја додели на Фудбалската асоцијација (ФА), најдобрите фудбалери на Англија нема да земат ниту една фунта.

Целата сума ќе биде донирана во добротворни цели, што е традиција што важи во „гордиот Албион“ од 2007 година. Предложена е од Дејвид Бекам, Стивен Џерард, Френк Лампард и други ѕвезди на таа англиска репрезентација, по што ниедна генерација не сакаше да ја смени трандицијата.

До денес, над 20 милиони евра се уплатени на разни хуманитарни организации, без оглед на тоа кој бил тренер, кој играл и каков бил резултатот. Целата сума се уплаќа на сметката на „Фондацијата на фудбалери на Англија“, која потоа ги насочува средствата кон оние за кои играчите сметаат дека помошта им е најпотребна.

„Голема чест е да се игра за својата земја, но подеднакво е важно да им се помогне на луѓето надвор од теренот и да се привлече вниманието кон оние на кои им е потребна помош“, рече Френк Лампард во тоа време.

Англиските фудбалери добиваат околу 2.400 евра за секој настап во националниот тим, со дополнителни бонуси за освојување трофеи или успешни резултати на големи натпреварувања.

Сепак, во Англија, играњето за националниот тим се смета првенствено за привилегија, а не за начин на заработка, поради што членовите на националниот тим заеднички одлучија да ги донираат сите пари од настапите во хуманитарни цели.

„Како капитен на Англија, но и како играч, имам одговорност да им вратам нешто на луѓето“, рече Дејвид Бекам кога иницијативата беше покрената во 2007 година.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО