Тениските топчиња од различни производители, се далеку од идентични и со правилата кои им дозволуваат на организаторите на турнирите да потпишуваат договори какви што им одговараат, играчите се принудени да се прилагодуваат во текот на целата сезона.
Меките топчиња кои стануваат сè потешки и бавни, и се чини стануваат сè попопуларни, но и се виновници за некои несакани работи. Според тенисерите таквите топчиња се причина за почестите повреди, дали на рамото на Стефанос Циципас, на лактот на Васек Поспишил, на раката на Маркета Вондрусова или на зглобот на Тејлор Фриц….
– Промената на топчиња секоја недела се една од причините за повредата на зглобот на Новак во Перт. АТП треба да направи нешто околу тоа. Играчите постојано страдаат, изјави Кирјос, вицешампионот на Вимблдон во 2022 година.
Од АТП пак одговараат дека процентот на повреди е идентичен со претходните години и оти немало „огромен скок“ на повредите на кој било одреден дел од телото.
Во АТП размислуваат и за тоа дали топчињата да се менуваат почесто, можеби на седум, место на девет гема. Но за ова ќе треба да се договорат играчите, кои имаат различни идеи за идеалната брзина за топчето.
На турнирите се користат различни топчиња поради различните површини. Температурата и влагата се исто така значајни фактори. Топчињата што се користеа во затворен простор во Торино на АТП финалето, реагираат поинаку ако ја удрат истите играчи на сувата топлина во Мелбурн.
Но, не постои голема причина, освен финансиската, зошто „Пен“ топчињата би се користеле во Индијан Велс, а на следниот настан на отворено во Мајами по неколку дена топчињата на „Данлоп.“ Или зошто треба да се користат топчиња на „Вилсон“ на Ролан Гарос, кога тие на „Данлоп“ се користат во поголемиот дел од сезоната на земјените терени:
Речиси половината АТП турнири користат топчиња на „Данлоп“, но постои можност организаторите да склучуваат вносни комерцијални зделки што им одговараат најмногу.