Иднината на Ерик тен Хаг на менаџерската позиција во Манчестер јунајтед и натаму е нејасна, а британските медиуми наголемо пишуваат дека се бара негов наследник на „Олд Трафорд“.
Јунајтед допрва треба да одлучи дали воопшто ќе го отпушти Тен Хаг, бидејќи анализата на игрите и постигнатите резултати во ланската сезона се’ уште е во тек. Дел од таа анализа е и иднината на менаџерот.
Тен Хаг пак во едно интервју во Холандија рече дека новите косопственици, Инеос му кажале дека сакаат обновата на клубот да ја продолжат со него. Останува да се види дали навистина е така.
Но доколку Тен Хаг добие „нога“ негов наследник нема да биде Аргентинецот, Маурисио Покетино, поранешниот предводник на Челси, ПСЖ и на Тотенхем, кого Џим Ретклиф го тргнал од листата, објави „Тајмс“.
Манчестер јунајтед веќе преговараше со 52-годишниот Аргентинец во 2022 година кога „црвените ѓаволи“ го ангажираа Тен Хаг. Покетино го презеде Челси лани во мај и на почетокот од сезоната се мачеше, но некако ги доведе „сините“ до шестата позиција, две над Манчестер јунајтед, со три бода повеќе.